Петар е најтивкиот од шесте деца, само сакам да ни се врати и да го прегрнам!

by Fokus

Најмирниот, најтивкиот, моето добро дете Петар уште го нема… Ни кажуваат дека истрагата е во тек, и не знам како никој ништо не знае, како може дете да исчезне, па ни полиција, кучиња, хеликоптер да не го најде? – во телефонски разговор за ,,Фокус” низ плач прашува Соња Џобеска, мајка на 10-годишниот Петар кој исчезна на 25-ти февруари кај село Врбско, Мариово.

Мајката појаснува дека таа е во нивниот дом во Прилеп, додека таткото на Петар со повеќе доброволци кои трагаат по него е во Врбско, каде чувале пчели.

-Имам шест деца, три девојчиња и три момчиња, на возраст од седум до 19 години. Мораа да се вратат на училиште, затоа и јас сум сега со нив во Прилеп, сопругот остана во селото. Детето си го сакам, не можам да се смирам, каде е, во каква состојба е по сите овие денови? Зошто уште не може да се најде? Толку многу луѓе бараат, времето минува – вели таа.

Појаснува дека дента кога Петар исчезнал, дошло до мало недоразбирање помеѓу него и братчињата, но децата набргу се смириле. Раскажува дека нејзина претпоставка е дека Петар најверојатно се исплашил дека можеби татко му ќе го кара, па поради тоа се скрил некаде.

-Не знам каде би можел да биде, мислам дека некаде се скрил, а сега сигурно по сите овие денови е изнемоштен. Во минатото еднаш се случи, заедно со најмалото братче, сами заминаа без да ми кажат каде одат, и двајцата се скриле кај црквата. Ги најдовме за кратко, тоа беше единствен пат така да направат.

Петар е дете со посебни потреби, не зборува, но секогаш беше многу чувствителен. Кога во минатото ќе го искаравме поради некоја палавост, тој не ни плачеше, секогаш мирно слушаше, некогаш ќе му се насолзеа очите, но никогаш не правеше проблеми. Тој е кротко дете и веќе не знам што да направам од грижи, каде да го бараме? – прашува мајката.

Вели дека дента кога исчезнал бил облечен во бела блуза, бела поткошула со плави шари и носел жолт елек со бела трака. Долниот дел тренерки му биле во темна боја, а пак на нозете имал розови чизми.

-Кога не распрашуваа во полиција, добив многу лоши прашања, ме прашуваа дали ние сме му направиле нешто на Петар, дали нешто криеме… Јас девет месеци го носев во утробата, тој е моја крв, тој е моето дете… Јас сум мајка кога би го дала животот за моите деца, и само сакам Петар да се најде, да го прегрнам. Сакам да верувам дека се скрил некаде, можеби и во некоја грмушка, сакам да верувам дека најбргу што е можно ќе се пронајде и ќе се врати дома – низ плач раскажа жената.

Според МВР, во потрагата по Петар се вклучени голем број на доброволци и околу сто припадници на државните служби.

Вчера од спасителната служба ,,Златоврв” влегле во старите окна на поранешната фабрика ,,Партизанка” од Прилеп, но не го пронашле момчето. За денес беше најавено дека потрагата ќе продолжи по течението на Црна Река.

Вики Клинчарова

Поврзани новости