Петар, 12-годишен рибар од Крушево: Рибите не се носат дома, затоа што нема да остане ниедна за ловење

Најголемата риба која ја имам уловено е тостолобик (вид на риба чистач) со тежина од 30 килограми

by Fokus

Петар Ристески со своите 12 години е можеби најмладиот регистриран рибар од Крушево, кој најголем дел од времето го поминува покрај вештачкото езеро во овој град.

Неговата љубов кон риболовот е одамна, а својата интересна спортска приказна ја раскажа за „Фокус“, упатувајќи важни пораки кон риболовците.

„Кога сум на езерото, сум најсреќен, а рибите се како мои најдобри другари. Риболовот е спорт во кој има правила кои треба да се почитуваат. Рибите не смее да се земаат од езерото и да се носат дома, бидејќи нема да остане ниедна риба за ловење. Кога ќе се улови рибата ја вадиме само за да ја измериме, да се сликаме со неа, а потоа внимателно ја враќаме во водата“, ја започна својата спортска приказна Ристески.

Иако има само 12 години, тој е веќе искусен во овој спорт, поседувајќи ја целата опрема за професионален риболов. А која е негова омилена риба за ловење?

„Најмногу сакам да ловам крап и за тоа имам посебна опрема. За да се лови крап треба да се знаат добро видовите на мамци и да се погоди во кој период кој мамец треба да се користи (односно кој мамец ќе го јади). Исто така, многу е важно вадењето на уловената риба. За мене тоа е најубавиот дел од ловењето, бара трпение, концентрација и посветеност. Тогаш се гледа што се закачило за мамецот и колкава риба е уловена“, додава тој.

Неговата љубов кон рибите трае долго време, а самиот Ристески многу се интересирал за овој вид спорт со текот на времето.

 

„Љубовта кон рибите ја поттикна мојот татко Кирче, заедно со нашиот близок семеен пријател, Нико Чонески. Со нив уште од најмали години (како 4 годишно дете) одев на риболов, на крапски натпревари и слично. Многупати ако не сакаа да ме земат, ќе им се сокриев на задното седиштето од автомобилот меѓу рибарската опрема и така ќе мораа да ме носат.

 

Секогаш ги гледав што прават и така учев. Учев како се мести опремата, како се поставуваат јадиците, како се затегнува конецот, како се прават бојлите (вид мамец), учев да врзувам јадиче, да менувам конец“, заинтересирано раскажува овој млад рибар.

Рибарските приказни имаат и своја опасна страна, со оглед на тоа дека некои места каде се лови риба се многу длабоки и опасни за самите рибари.

„Страшно беше еден ден кога вадејќи еден крап, мојот брат Јован се лизна по калливото земјиште и падна во водата (а таму беше прилично длабоко). Јас се исплашив многу, ама како што не учеа мама и тато претходно, одма му ја подадов црпалката за риби и тој се фати за неа и така го извлеков“, вели нашиот соговорник.

Во текот на летниот распуст, тој е постојано на риболов, каде друштво му прават неговите другари, но и некои повозрасни лица. Ристески може да се пофали и со голем улов на риба.

„Најголемата риба која ја имам уловено е тостолобик (вид на риба чистач) со тежина од 30 килограми. Тоа беше мојот последен улов за 2021 година (во месец ноември). Бидејќи беше голема риба, вадење на рибата траеше долго и беше мачно и напорно.

 

Бев пресреќен кога видов колкава риба е закачена на јадицата. Неколку лица, меѓу кои и мојот другар Дамјан, ми помогнаа да ја извадиме надвор, да се сликаме и да ја вратиме назад во езерото“ додава Ристески.

Освен покрај Крушевското езеро, Ристески има ловено риби на вештачките акумулации Стрежево и Козјак, како и на неколку езера во Грција. Тој е член во риболовното друштво Мрена од Крушево (во категорија сениори) и има дозвола за риболов.

Родителите на Петар, Олга и Кирче се среќни што тој се занимава со спорт, во време кога младите генерации се преокупирани со социјални мрежи и компјутерски технологии.

„Нема подобро и поквалитетно искористено време од времето поминато во спорт и во природа. Спортот го учи детето на одговорност, дисциплина, ред, внимателност и трпеливост. Петар е спортски тип на детенце. Порасна возејќи велосипед преку целата година (и во лето и во зима), скија многу добро (веројатно наследство од гените на неговиот татко), игра фудбал со другарите, оди на часови за болдеринг.

 

Постојано е физички активен, а за нас како родители тоа е најважно, зашто знаеме дека слободното време го користи надвор од домот, а не пред компјутер или на телефон. Има само една маана, а тоа е дека риболовот за него е секогаш број еден активност пред сѐ друго, па на моменти знае да го запостави учењето (и следи мала кавга) или да не дојде на фамилијарна дружба за да биде на езерото“, ни порачаа тие.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости