Пет лица загинаа во експлозија во руската фабрика за барут во Тамбов

by Fokus

Најмалку пет лица загинаа во експлозија која се случи во фабрика за барут во рускиот регион Тамбов, јави новинската агенција ТАСС.

Во соопштението на Тамбовската регионална управа на министерството за вонредни состојби на Русија, соопштено е дека вчера попладне дошло до експлозија во фабриката за барут, по што избувнал пожар.

„Во моментов има информации за четворица загинати, а уште двајца се повредени“, изјавија од итните служби за новинската агенција ТАСС.

Официјалните лица подоцна соопштија дека една од ранетите жртви починала од повредите во болница, со што вкупниот број на загинати се искачи на пет.

Гувернерот на Тамбов, Максим Јегоров, рече дека експлозијата била предизвикана од „човечка грешка“ и „дефинитивно не резултат на терористички напад“.

Рускиот истражен комитет покрена кривична истрага по експлозијата и пожарот што следеше во фабриката за барут во градот Котовск, лоциран во близина на градот Тамбов, се вели во соопштението на комитетот.

Загинаа четири лица, се проверува бројот на повредени“, се вели во соопштението. „Сите загинати во несреќата се од машки пол и тие работеле во фирма под договор која се занимавала со поправки на објектот.

На местото на инцидентот во моментов работи истражна група, која врши увид на локацијата, сослушува сведоци за да се утврдат примарната причина за несреќата.

Прес-службата на Руската Федерална служба за еколошки, технолошки и нуклеарен надзор Ростехнадзор,  соопшти дека започнала сопствена истрага за пријавениот фатален инцидент во фабриката за барут во близина на градот Тамбов.

Поврзани новости