Пет компании од ЕЛЕМ заработиле 212 милиони евра за ископ на јаглен и јаловина

by fokus

Претходното раководство на АД ЕЛЕМ во периодот од 2012 до 2017 година потрошило 212 милиони евра за ангажирање надворешни компании за ископ на јаглен и јаловина и за помошна механизација за транспорт рече генералниот директор на компанијата Драган Миновски.

– За ископот на јаглен и јаловина, заклучно со август годинава, платени се 161 милион евра. Во истиот период поради недостаток и неисправност на сопствената механизација во РЕК Битола и РЕК Осломеј ангажирана е надворешна помошна механизација за што се платени 46 милиони евра во РЕК Битола и пет милиони евра во РЕК Осломеј или вкупно околу 212 милиони евра – изјави Миновски.

Вкупните трошоци за ископ на јаглен и јаловина и за помошна механизација влијаат врз регулираната цена на електричната енергија во просек со околу 20-тина отсто за периодот од 2012 до 2017 година или за осум евра по произведен мегават час, рече Миновски и додаде дека во моментов регулираната цена е 41 евра за мегават час.

За споредба во периодот од 2000 до 2005 година за истата намена компанијата потрошила 38 милиони евра.

Во последниве пет години за оваа потреба АД ЕЛЕМ ангажирала цело време пет исти компании: Трансмет, Силекс неметали, Пелистер, Гранит и Марковски компани. Тие во одредени периоди учествуваат самостојно на тендерите, а во други случаи се јавуваат како конзорциум.

На тендерот што го наследи новото раководство на ЕЛЕМ, на кој учествува и фирмата „Трансмет“, против која е покренато обвинение, беше понудена најниска цена до сега за ископ на јаглен и јаловина, или 44 денари  за гигаџул.

Миновски вели дека направените пресметки покажуваат дека доколку и во минатото цените биле на ова ниво заштедите би биле околу 77 милиони евра. За тендерот, посочи, се уште одлучува Државната комисија за жалби по јавни набавки и наскоро се очекува да се дознае исходот.

Најави дека за многу брзо време АД ЕЛЕМ планира да набави сопствена механизација за ископ и транспортна јаглен и јаловина што, како што рече, ќе доведе до намалување на трошоците.

Поврзани новости