По невидениот колапс на електропреносниот систем на Балканот, покрај Црна Гора, Босна и Херцеговина и речиси цела Далмација, дури и делови од Албанија и Грција, немаат струја.
Во Македонија состојбата е стабилна и нема пријави за нефункционирање на мрежата и недостаток на струја.
Околу пладне речиси цела Црна Гора остана без струја. Падот на системот се пренесе и ја блокираше Босна и Херцеговина, а во Хрватска меѓу првите градови кои останаа без напојување на електрична енергија беше Дубровник.
Причините за дефектот на системот не се познати, но се претпоставува дека причината е преоптоварување на меѓусебно поврзаните 400 kV далноводи во регионот, нивни прекини, а потоа и пренос на нарушувања во системот на БиХ, извести компанијата „Електропривреда БиХ“.
Струјата пополека се враќа, а деновиве поради жешкото време е зголемена потрошувачката бидејќи масовно се користат апаратите и системите за климатизација.