Песната за мајка ми Стефанија стана химна за сите мајки, вели украинскиот евровизиски претставник

by Fokus

Песната ,,Стефанија” со која ,,Калуш Оркестар” ќе ја претставува Укранина на Евровизија 2022, а која првично фронтменот на групата, Олех Псиук објави дека е посветена на неговата мајка, станува симбол на сите мајки чии синови се борат во војната во Украина.

,,Калуш Оркестар” е фолк-рап група која е формирана во 2019 година, и веќе има два албуми зад себе. Името на групата доаѓа од градот Калуш, од каде потекнувале членовите. Олех Псиук за Sky News вели дека ,,Стефанија” станува химна која се пее низ цела земја.

-Првично и ја посветив на мајка ми, но сега таа стана песна за сите мајки, вели тој. Појаснува дека состојбата во неговиот град била многу лоша и цивилите морале да ја земат одбраната во свои раце.

-Мојата девојка правеше молотови коктели… Сето ова е застрашувачки за сите, јас работам со волентерски тим. Им помагаме на луѓето кои сакаат да ја напуштат Украина, обезбедуваме храна за оние кои имаат потреба. Ние сме група од 12 луѓе и помагаме со пронаоѓање на засолништа и обезбедување на храна. Нема да ја напуштам мојата земја, ќе сторам се што е во моја моќ да помагам. Целиот живот ни се промени на сите, никој веќе не го прави она кое го правел во животот, и сите Украинци мора да застанат заедно, да си помагаат меѓусебно во овие тешки времиња – раскажува евровизискиот претставник.

Неговата волонтерска група се вика ,,Калуш волонтери” и веќе собрале околу 25.000 евра донации за украинската армија. Инаку, Украина досега има победено два пати на Евровизија, во 2004 и во 2016 година. И во двете песни се повикуваше на мир. Поради војната во Украина, песната на ,,Калуш оркестар” стана доста популарна и слушана и важи за фаворит на Евровизија 2022 според голем број на музички анкети.

Вики Клинчарова

Поврзани новости