Голем концерт во чест на Васка Илиева, по повод сто години од нејзиното раѓање, најави Националниот ансамбл Танец. Настанот ќе се одржи во Дон на АРМ на 9-ти ноември и е насловен „Песната, судбината“.
Илиева остана запамтена по неверојатниот глас, но и по тешкиот живот. Песната ми даде многу, но и многу ми зеде, оти таква е професијата, ако целосно се посветиш на неа, страда личниот живот – знаеше да каже во интервјуа, додека беше жива.
Беше една од ретките на сцената која секогаш пееше во живо, а музичката кариера ја започнала во ,,Танец” каде татко и, инаку гајдаџија, бил помеѓу основачите.
Се омажила доста млада, на 17 години, и се вработила во „Танец“.
Нејзиниот сопруг не бил задоволен што таа решила да се посвети на музиката, да оди на турнеји и да настапува, за што таа раскажа во едно интервју.
– Се бараа солисти во „Танец“, бевме многу сиромашни и морав да работам. Сопругот не ме пушташе да одам на турнеја, иако татко ми ме поддржа. Заминав на турнејата која траеше еден месец, а по враќањето сопругот ми ги зеде парите и ми ја искина носијата. Сепак, по некое време јас пак му се вратив на пеењето – раскажуваше музичката легенда.
Нејзиното дете го видела само еднаш, по породувањето, а потоа и кажале дека починало. Кога ја слушнала веста, босонога и избезумена побегнала од болницата.
Илиева не криеше дека целиот живот ја мачело прашањето на кое не добила одговор, што се случило и од што починало новороденчето, а длабоко во себе верувала дека синот и е жив.
Токму поради таа траума, се свртела целосно кон песната.
Во своите четириесетти години се разведе од сопругот Кице Илиев, а се омажи за Ристо Глоговац, кој беше воено лице. И бракот со него не траел долго, па по неколку години се разделиле.
Народот ја нарекуваше Мајка на македонската изворна песна, и зад неа останаа забележани настапи пред Тито, Марија Калас, Черчил, кралицата Елизабета…
Почина пред 22 години, од мозочен удар во својот дома на 78-годишна возраст, додека се подготвувала за снимање на одбележување на смртта на Гоце Делчев.
На најавениот концерт во нејзина чест ќе настапат Сузана Спасовска, Драган Николовски, Елена Андоновска, Габриела Новевска, Кирил Митоски…
Музичките адаптации, аранжмани и оркестрации за НУ Танец се на Дарко Илиевски. Настанот ќе заврши со изведба на песната „Земјо македонска“ која ќе ја исполнат Сузана Спасовска и сите учесници на концертот.
Вики Клинчарова