Победничка песна на 35-то издание на „Макфест“ е „Сакам да живеам“ од групата Нокаут, втората награда е за „Ден по ден“ изведена од Ѓоко Таневски и трета награда за „Ако те изгубам“ во изведба на Омeр Џаферовски. Награда за најдобар сценски настап доби Виктор Апостоловски – „Срца камени“, а за најдобар дебитант беше прогласена, Полина – „Сѐ се врти во круг“
Фронтменот на Нокаут за МИА изјавил дека ова е награда по 24 години работа.
-По 24 години конечно нешто да освоиме, публиката тоа го примети, дека има некаков квалитет што сме го направиле. Се разбира тука е жирото кое гласаше за нас и веројатно жирото тоа го почувствувало. Најважно е за мене да почувствува песната, да се пренесе енергијата, кај публиката, еве и кај жирото и сметам дека е заслужено, вели Пере од Нокаут.
Публиката синоќа не гласаше, изборот на наградите го направи стручното жири, составено од познати македонски музички имиња, актери, од модата. Што се однесува за почитувањето на здравствените протоколи фестивалот беше беспрекорно организиран и за прв пат на отворена сцена. Волонтерите на ОО Црвен Крст постојано беа меѓу публиката и предупредуваа на држење дистанца и задолжително носење на заштитни маски.