Ивона Јовановиќ (28), позната на сцената како Ивона Јо, на годинашното издание на фестивалот Макфест беше една од највпечатливите учеснички. Настапи со баладата „Себично“, дело на композиторот и аранжер Илија Ќосевски, со текст на Весна Малинова.
Самоуверенета и истовремено доста емотивна изведба на сцената и донесе на Ивона низа на комплименти, не само од публиката, туку и од нејзини повозрасни колеги, кои на социјалните мрежи ја издвоија како одличен изведувач, чија песна ќе остане долго во етерот и која на некој начин го одбележала целиот фестивал годинава.
– Одејќи против себе, се казнуваме и нанесуваме штета на себе. Носејќи го товарот од минатото, чувајќи сѐ во срцето, се казнуваме и повредуваме себе си. И себично не пуштаме да се ослободиме од сопствените стеги.
За едно сурово. За едно бесрамно и безмилосно време. За едно време кое зема се од мене. Ќе раздени ли нов ден за мене?
Има ли свет поубав за мене?
Повелете парче душа. Нека патува и стигне до секоја душа која пати и боли, вели кумановката за новата песна.
Ивона е присутна на сцената неколку години наназад, а на Макфест настапи и во 2018 година со песната „Убав е овој свет“. Учествуваше на повеќе музички натпревари, а пред три години јавно проговори за борбата со килограмите и откри дека во Турција направила операција со која и бил скратен желудникот.
Освен по моќниот вокал, позната е и по модните експерименти и честите трансформации, и знае да изненади со различни стилови и фризури, од русокоса до бринета.
Пред три години дипломирала на Факултетот за природноматематички науки, на одделот за нутриционизам.
Вики Клинчарова