Одлуката на Франција да испрати ракети со долг дострел во Украина е погрешна и полна со последици за украинската страна, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Тој додаде дека останува да се види за каков опсег станува збор, пренесува „РИА Новости“.
„ Од наша гледна точка, ова е погрешна одлука, полна со последици за украинската страна, бидејќи таа, се разбира, ќе не принуди да преземеме контрамерки “, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Песков рече дека одлуката на Париз нема да влијае на текот на „специјалната воена операција“, како што Москва ја нарекува војната во Украина.
„Уште еднаш го повторуваме принципиелниот пристап кон ваквите одлуки: овие одлуки не можат да влијаат на текот на настаните во рамките на специјалната воена операција. Тие можат само да ја отежнат судбината на режимот во Киев “, рече Песков.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно во Вилнус изјави дека Париз ќе и обезбеди на Украина ракети со долг дострел, без да прецизира кои проектили.