Песков: Нечија јасно видлива рака се обидува да поттикне антируски чувства во Грузија

by Fokus

Официјален Кремљ објави дека ги гледа САД зад „антируското расположение“ кое влијаело на демонстрациите во Грузија, додека грузискиот парламент денеска одлучи да го повлече контроверзниот закон за „странски агенти“.

Во врска со вчерашната изјава на грузиската претседателка Салома Зурабишвили за време на нејзината посета на Њујорк, во која таа ги поддржува демонстрантите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека претседателот „не се обраќа на својот народ од Грузија, туку од Америка“.

Според Песков, ова е знак дека „нечија јасно видлива рака се обидува да поттикне антируски чувства“.

„Го следиме ова многу внимателно и со голема загриженост“, додаде тој.

Во Грузија веќе неколку дена има демонстрации поради предложениот контроверзен закон, за кој критичарите тврдат дека е направен по моделот на постоечкиот текст на законот во Русија, а кој Кремљ го користи за да ги задуши гласовите на несогласување.

Парламентот на Грузија денеска одлучи да го повлече контроверзниот закон за „странски агенти“. Владата вчера ја објави одлуката за откажување од предложениот закон.

Поврзани новости