На Русија, која е соочена со тешка демографска ситуација, „и требаат“ мигранти за развој, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во интервју за новинската агенција РИА Новости. Мигрантите се неопходност, рече Песков.
„Проблемот е што имаме многу напната демографска ситуација. Живееме во најголемата земја во светот, но нè има малку“, објасни тој.
Да потсетиме дека во јули Кремљ ја призна катастрофалната демографска ситуација за иднината на нацијата. Така, во 2023 година, стапката на наталитет во Русија изнесуваше 1,41 дете по жена во репродуктивна возраст, што е далеку од стапката потребна за обновување на населението, според проценките на руската статистичка агенција Росстат, кои ги објави деловниот дневен весник РБЦ.
На 12 ноември Русија усвои закон со кој се забранува промовирање на живот без деца, со цел да се справи со длабоката криза наследена од советската ера, која се влоши со конфликтот во Украина. „За да се развиваме динамично и да ги спроведеме сите развојни проекти, потребна ни е работна сила“, нагласи Песков, додавајќи дека руските власти можат само да го поздрават доаѓањето на мигрантите во земјата.
И иако Русија не ги пријавува своите воени загуби на украинскиот фронт, овој конфликт гарантирано само ќе го влоши овој тренд. Според Росстат, од јануари до септември 2024 година, во Русија се родени 920.200 деца, што е намалување за 3,4 отсто во споредба со истиот период минатата година. Според руските медиуми, ова е најлошата статистика во последните 30 години.