Москва многу добро ја разбира посветеноста на Анкара на обврските кон НАТО, но во исто време соработува со Анкара во различни правци, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Турција е членка на Северноатлантската алијанса и има свои обврски кон кои се придржува. Никогаш не ни беше тајна и немавме илузии за тоа. Вака се однесуваме кон одлуката на Анкара, многу добро разбираме сè во овој поглед“, изјави Песков, пренесува ТАС С.
Според него, Руската Федерација и Турција имаат несогласувања и Кремљ не ги крие.
Песков рече дека нема нови информации за договорот за понатамошната судбина на руската паравоена формација „Вагнер“ и нејзиниот сопственик и основач Евгениј Пригожин.
„Нема нови елементи што можам да ги споделам со вас на таа тема“, рече Пеков, одговарајќи на новинарско прашање дали договорот според кој Пригожин треба да замине во Белорусија е се уште во сила, пренесува ТАСС.
Тој претходно рече дека рускиот претседател Владимир Путин одржал средба со Пригожин и другите команданти на „Вагнер“, која траела речиси три часа и на која им понудил можности за вработување и употреба во борбите.