На јавна седница во Апелациониот суд во Скопје пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, денеска побара да ѝ биде укинат куќниот притвор, мерка која и е определена поради нејзиното учество во настаните од 27-ми април.
„Во животот немам сторено кривично дело, а најмалку тероризам. Не сум ги довела во опасност животите на други пратеници. Ме уапсија иако се повикав на пратенички имунитет“, рече Пешевска.
Пешевска се бранеше дека не го извршила делото за кое е обвинета.
„Не сум сторила тероризам и не сум ја загрозила безбедноста на македонскиот народ“, порача пратеничката, која рече дека била држана 16 часа со лисици на рацете.
„По 16 часа под полициско обезбедување, ми беше кажано дека не може да ме испраша судијата, зашто сум имала пратенички имунитет“, посчи таа.
Пред судот таа рече дека е мајка на три малолетни деца и дека живее со свекорот и свекрвата за кои се грижи.
Обвинителите, пак, побараа да остане мерката куќен притвор и ги отфрлија аргументите на одбраната.
До сега Апелација ги одби жалбите на претходните обвинети, кои се жалеа за продолжување на мерката притвор и ги потврди одлуките на Кривичниот суд.