Пешаците и возачите – рамноправни учесници во сообраќајот

by fokus

Овој период од годината се карактеризира со зголемување на температурите и одбележување на Велигденските празници што значи дека е зголемено движењето на пешаците, а зголемен е и бројот на возила кои се упатуваат на викенд дестинации или на подалечни патувања.

Токму затоа, во месец април, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје, реализираат кампања за безбедност на пешаците под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци“.

Целта на кампањата е подигање на свесноста на пешаците за опасностите со кои може да се соочат во сообраќајот, како и за подобрување на нивната безбедност.

Кампањата ќе се реализира во повеќе населени места низ целата држава, а ќе се спроведува преку превентивно-едукативни активности во директна комуникација со пешаците и возачите заради изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот.

Пешаците треба да знаат дека се рамноправни учесници во сообраќајот и дека задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Пешаците, исто како и возачите, често се жртви во сообраќајни незгоди. Според статистичките податоци во РСМ, во последните три години, 15-25% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци, односно 20-25 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Ваквата статистика укажува дека неопходно е преземање на превентивни мерки за зголемување на безбедноста на пешаците во сообраќајот, како и за подигање на свеста на пешаците и возачите за почитувањето на сообраќајните правила и прописи и за совесно учество во сообраќајот затоа што безбедноста на пешаците и на возачите треба да биде заедничка грижа.

Затоа, на пешаците им препорачуваме:

• Преминувајте преку улица само на означен пешачки премин или на крстосница.

• Движете се по тротоар или по патека наместо по пат, и тоа свртени кон сообраќајот доколку тротоар или патека не се достапни.

• Остварете контакт со очи со возачот на возилото што доаѓа кон вас.

• Почитувајте ја сообраќајната сигнализација за пешаци, но секогаш имајте ја предвид и сигнализацијата за возачите.

• Носете светла или рефлектирачка боја кога поминувате на пешачки премин во ноќни услови.

• Не користете мобилен телефон или слушалки додека преминувате на пешачки премин.

РСБСП апелира: Почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. Преминувајте внимателно и тоа на означен пешачки премин. Безбедноста и на пешаците и на возачите нека биде заедничка грижа!

ПР текст

Поврзани новости