Перу со најголем број смртни случаи од коронавирус во светот

by Fokus

Перу денеска објави нови податоци за епидемијата на коронавирус во земјата, ревидирајќи го бројот на смртни случаи од Ковид-19 од 69.000 на 180.000, што ја прави земја со најмногу смртни случаи по глава на жител во светот.

Премиерката Виолета Бермудез рече дека бројот на смртни случаи во оваа земја со 33 милиони жители, според извештајот на научниот совет формиран во април, е 180.764, додека според претходните податоци, во пандемијата починале 69.342 Перуанци.

– Од денеска ќе имаме поголеми бројки што ќе донесат повеќе придобивки во управувањето со пандемијата, рече Бермудез на прес-конференција.

Досега земја со најмногу смртни случаи по глава на жител во светот беше Унгарија, каде има починато околу 300 лица на 100.000 жители, додека во Перу таа бројка сега е поголема од 500 смртни случаи од коронавирус на 100.000 луѓе.

Перуанскиот научен совет предложи измени во критериумите за регистрација на починатите откако оцени дека „досегашната методологија е нецелосна и води до помала проценка на бројот на смртни случаи од Ковид-19“.
Отсега меѓу починатите од коронавирус ќе се вбројуваат оние кои исполнуваат седум критериуми, вклучувајќи докажана инфекција, но исто така и „можни случаи на епидемиолошка врска со потврдени случаи“.

Советот е составен од експерти од јавни институции, перуански приватни институции и експерти од Светската здравствена организација.

Поврзани новости