Перспективата за ЕУ е завршена, шансите се мали, вели Пендаровски

by Fokus

Предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие во однос на кризите со кои се соочуваме, оцени претседателот Стево Пендаровски, додавајќи дека се сомнева оти со предвремени избори би имало деблокада на евроинтеграциите или промени во делот на цените на енергија и храна.

Зборувајќи за политичката нестабилност и турбуленции дома, Пендаровски во емисијата „Утрински Брифинг“ истакна дека не гледа како кризите би можеле да се решат со нова политичка структура.

–  Високите цени на енергенсите, храната и инфлацијата не е само домашен производ. Енергетската криза почна шест-седум месеци пред војната во Украина. На кој начин нова влада тука ќе има влијание на глобалните пазари на животни продукти, изјави Пендаровски.

Според Пендаровски, факт е дека „конструкцијата на бугарската политичка сцена“ во моментов е таква што отежнува да се постигне договор.

–  Перспективата за ЕУ во догледно време за жал е завршена. Шансите се се помали и помали. Не можам да кажам дека се завршени. Не можам да кажам, граѓани од утре одиме на сосема друга стратешка перспектива, бидејќи друга подобра не гледам, но мора да ги менаџираме тие очекувања кои беа нереално високи изминативе година-две, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во „Утрински брифинг“.

Поврзани новости