Persona non grata, persona grata и persona gratis

by Fokus

Се додека овие и вакви персони се „елита“ во општеството нема да имаме ниту држава, ниту напредок, ниту нормален живот.  Крајно време е интелигенцијата да се разбуди и проговори, што погласно тоа подобро и да ја превземе судбината на оваа држава во свои раце.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Деновиве бевме сведоци на неколку случувања во кои главен збор имаше македонската дипломатија и Претседателот, бугарскиот идиотизам и европскиот волунтаризам.

Често се спомнуваше терминот persona non grata. Тоa е латински израз за непожелна  личност, а во дипломатската комуникација се употребува за лице чие присуство не е пожелно на територијата на државата домаќин.

Во прашање беше бугарскиот европратеник Џамбаски кој покрај испадите и неприфатливото однесување на наша територија му се закани на Претседателот подсетувајќи го како поминал и што му се случило на кралот Александар Караѓоргевиќ.

И на Бендевска лик од нашето соседство и се заканувал со убиство. Штета што пред да почнат да се глупираат овие ликови не ја прочитале вистинската историја во која сигурно би прочитале и за Мане Мачков, дочекот на бугарската окупација од македонското население и судбините на оние од злостоството над ваташките младинци полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков.

Но, како и секогаш кај нас е се извртено, па никој ниту е прогласен за persona non grata, ниту има било какви последици за закани на највисоките државни функционери.

Луѓето кои беа заведени од интересите на една партија и кои мислеа дека ја бранат државата со упадот во Собрание на 27 април, мислам на оние припадници на националните здруженија и обичните луѓе, беа обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата и добија драконски казни.

Политичарите-пратеници во истиот предмет беа амнестирани и не им фалеше влакно од коса, исто како и на овој европратеник, политичар,  што не подлежи на закон, дури не е ни непожелен во нашата држава. Да беше обратно долги години ќе поминеа додека наш политичар влезе во Бугарија по вакви закани.

ФУНКЦИОНЕРИТЕ СЕ ПОЗНАТИ ПОД ИМЕТО PERSONA PARASITOS 

Како и секогаш се е изместено кај нас, а политичарите се недопирливи без оглед дали се домашни или странски, па испаѓа дека институтот persona non grata кај нас има друго значење и примена.

Кај нас persona non grata е личност која и пречи и е непожелна на актуелната власт, која во тој миг владее па се применува цела лепеза на мерки кон непожелниот од јавно “блатење”, измислување афери, маргинализирање, исконструирани обвиненија и монтирани судења.

Покрај persona non grata постои и persona grata, која  спротивно од претходната е личност која ужива добар углед и доверба од страна на државата-домаќин, а таквото лице со задоволство се прифаќа во некоја земја.

Во дипломатијата тоа се луѓе кои со свој углед, влијание или дејствие и помогнале на државата домаќин во остварување на некои свои интереси, цели. Во нашата извртена реалност, политиканското и корумпирано однесување на политичарите и јавните функционери, тоа се воглавном личности кои им помогнале и овозможиле да ги остварат своите лични интереси злоупотребувајќи ја својата функција.

За разлика од другите нормални, функционални и правни држави ние имаме уште еден вид persona, а тоа е persona gratis. Оваа персона како што и самото име кажува се во животот добива гратис. Од гратис влезници за концерти до гратис тендери, функции, државни пари, проекти и цели претпријатија.

Воглавном нашата бизнис елита се состои од personi gratis, кои потоа стануваат големи бизнисмени, се прикажуваат како успешни луѓе кои сами се создале и задолжително прават симбиоза со персоните од власта од која се хранат и едните и другите, и самите  бизнисмени, но и оние во функционерските столчиња па се познати и под името persona parasitos.

При една ваква внатрешна поставеност на општеството и клима која е погодна за одгледување, развој и симбиоза на ваквите персони кои управуваат со државата и го инфицираат општеството, очекувано е и сосема нормално голем дел од младите да се исели, интелектуалците да замолчат, будалите да проговорат и да се докажуваат и мудруваат по социјалните мрежи, а фукарите да се збогатат.

Се додека овие и вакви персони се „елита“ во општеството нема да имаме ниту држава, ниту напредок, ниту нормален живот.  Крајно време е интелигенцијата да се разбуди и проговори, што погласно тоа подобро и да ја превземе судбината на оваа држава во свои раце.

Поврзани новости