Изборот за нов директор на МКЦ крена голема прашина во јавноста и предизвика лавина коментари од музичарите од Македонија.
Бени Шаќири од „Нон Стоп“ е еден од главните кандидати на прв човек на Младински културен центар, а басистот на култната група „Меморија“, Петар Георгиевски-Камиказа истакна дека ќе гласа за било кој музичар кој оставил неизбришлива трага врз македонската рок-сцена.
„Овие денови сведоци сме на изживување врз еден коректен момак од албанска провиненција, по мене со грешен политички став, но став не од сега, туку со години, за што особено го ценам и почитувам. Без разлика на моето мислење. И тоа не значи дека треба да го мразам, негирам и омаловажувам. Замислете, се дрзнал да конкурира во Дом на млади. Бесрамник еден „шиптарски“, каква само дрскост. Ќе ви кажам јасно и гласно – Јас, македонскиот патриот со полна материјална и кривична одговорност, ќе гласам за било која функција и награда на Бени, Гранит Таки, Леана Таки, Аријан Дема, Сејат Јакупи, Идриз Идризи, Цики, Бурим, Ерзана Бериша и уште десетици вакви ликови кои оставија неизбришлива трага во македонскиот рок ен рол и воопшто во формирање на културното живеење во оваа држава децении наназад. За потписниците на текстот против Бени нема да употребам ни еден погрден збор. Но, среќен сум што на другата страна со поинакво мислење од мојот професор Владимир Милчин и сега со сигурност знам дека сум сто отсто на правата страна. За Русе е легитимно да си го брани својот став и местото каде одлично ја извршувал оваа функција, но се му паѓа во вода кога вика ликови како Мирко Попов и слични на него, кои не им се ни до глуждови на гореспоменатите „Шиптари“ по она што го имаат направено за оваа држава, а притоа никој од нив не користејќи државни средства еднаш во животот.
Не му пишувате отворено писмо на Али Ахмети што нема изговорено еден македонски збор, на Албанците министри кои немаат појма кај доаѓаат да министеруваат, туку сте му се здале на Бени. Знаете зошто? Зошто ако дојде ќе ви ги открие сите криминали што сте ги правеле во изминатите години. И вас баш ви е гајле за се. Име, држава, лојалност, чесност. Битно да продолжите да се штекате на државна цицка и на цицката на Дом на млади, која е од ланецот на криминалци кои со години владејат со културните установи и буџети. Затоа ви посакувам рамноправна борба и да победи подобриот“, истакна Георгиевски.