Викендов во Прилеп се одржа фестивалот на новокомпонирани македонски народни песни ,,Прилеп Фест” на кој наградата за животно дело ја доби Перо Христов. Како што вели музичарот, по 55 години на естрадата, на свои 73 години, го дочекал ова признание кое многу му значело.
За „Фокус“ вели дека многу му значел и приемот од прилепската публика која го наградила со долг аплауз, и се заблагодари на организацијата на настанот.
-Прилеп Фолк Фест ме удостои со голема награда за животно дело, а прилепската публика ме награди со искрен и долг аплауз. Ова многу ми значи, посебно бидејќи сум пред крај на мојата кариера, на мои 73 години.
Се заблагодарувам за честа од страна на организаторот, на уметничкиот директор, на публиката која секогаш е со мене, вели Христов.
Раскажува дека иако на музиката и го посветил целиот живот, и поминал 55 години на естрадата оставајќи бројни фолк хитови, сепак кај нас трудот на пејачите кои минале децении на сцената не се вреднувал доволно.
-На нашата држава не и цветаат розите, во смисол како добра и модерна држава, до ред и поредок, но сега знам дека младата публика е копија на самата држава во која живееме! Во Македонија има повеќе пејачи отколку работници!
Уште пожално е што во музичките програми во рестораните, кафеаните и кафулињата се пее и свири се, освен македонска музика! Ако вака се продолжи, ќе нема со што да се пофалиме пред светот, бидејќи имаме најубава музика која е призната насекаде.
Тажно е и за пејачите кои се ситни ѕвезди во соседството, а овде црпат одлични суми на евра!
Жалосно е ако една Теа Таировиќ, Карлеуша, Грашо, Аца Лукас, Беквалац и многу други се главни носители на музичките настапи во клубовите и кафулињата. Одиме се поназад и поназад, во заборав, раскажува Христов.
Вели дека од денешна перспектива, доколку пак би се родил, пак би бил пејач, но не во Македонија, бидејќи кај нас не се живеело од музика.
-Кога пак би се родил, можеби пак би бил пејач, но не во оваа мала државичка каде не се живее од музика. Ако се родев во една од соседните земји, сега би бил милионер, а не да пеам за некои си 100 до 300 евра. Жалосно е тоа, ги жалам и младите генерации во Македонија, кои мислат да живеат од македонска музика овде, истакна музичарот.
Сепак, вели дека во чест на јубилејот, 55 години на нашата сцена, ќе и се оддолжи на својата публика со концерт насловен ,,Перо Христов и пријателите”.
Настанот ќе се случува во Домот на културата во Струмица, на 25-ти ноември.
-Ќе и се оддолжам на мојата публика и на моите сограѓани со јубилеен концерт! Благодарен сум на Општина Струмица која застана зад мојот концерт. Благодарен сум на моите пријатели кои уште од школските и студентските денови ме бодрат и затоа уште пеам, и ќе продолжам да пеам додека можам. Гарантирам идиличен концерт со моите гости, кои ќе настапат со мене на сцената во Струмица, раскажа Христов.
Вики Клинчарова