Македонската кошаркарска легенда Перо Антиќ е еден од оние ликови, кој каде и да се појави го привлекува вниманието на присутните. Делумно поради својата појава, бидејќи неретко го споредуваат со американскиот кошаркар Денис Родман, поради многуте тетоважи и висината. Често пати за него се пишуваше дека е бела верзија на американецот, но за време на викендот, тој се најде во центарот на вниманието и поради интересниот џентлменски гест.
Имено, тој заедно со својот син и со неколку пријатели во саботата вечераше во угостителски локал во Гевгелија, и успеа за неколку секунди да ги воодушеви гостите во објектот.
За време на вечерта во ресторанот влезе млада девојка која што продаваше ружи. Таа одеше од маса до маса и го нудеше цвеќето, а кога се приближи до масата на кошаркарот, тој без многу двоумење извади пари и ги купи сите ружи. Девојката остана без зборови и успеа само да се заблагодари, а големиот букет со цревни цветови остана кај Антиќ. Задоволна што за помалку од една минута заврши со работа, со празна кошница за цвеќе, таа си замина со насмевка, а на вратата само кажа – Камо сите да се вакви џентлмени!
Дел од екипата на ,,Фокус” посведочи на настанот кој помеѓу гостите предизвика воодушевување и коментари од типот – Сите ружи ќе одат кај Ружица, браво за Перо!
Сопругата на Перо, Ружица, не беше помеѓу присутните, но и во минатото се има пишувано околу тоа како ружата е еден вид на симбол на нивната голема љубов. Токму поради тоа, кошаркарот дури и истетовирал ружа на својот прст, во вид на прстен, бидејќи поради својата професија не носел бурма. Во времето кога Ружица била бремена во нивниот прв син Лука, тој од голема љубов кон неа, исто така на градите истетовирал ружа.
Парот е во брак околу 13 години и имаат три сина, Лука, Павел и Петар. Ружица во минатото беше позната како една од најдобрите одбојкарки во скопскиот клуб Студент, но подоцна се откажа од спортската кариера и денес е посветена на семејството. Перо е познат помеѓу блиските како традиционален, семеен тип на човек, кој е многу приврзан со сопругата и децата.
Вики Клинчарова