Перински во Будимпешта: Партнерството со Унгарија ќе придонесе за унапредување на општинскиот развој

by Fokus

Во рамките на дводневната посета на унгарско-македонскиот владин самит, кој се одржува во Будимпешта, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари билатерална средба со Тибор Наврачич, министер за јавна администрација и регионален развој на Унгарија.

На средбата, двајцата министри разговараа за регионалниот развој, одржливоста на системите за локално управување, децентрализацијата и територијалната организација на двете земји, а споделија и разменија искуства и практики во интерес на подобрување на начините на функционирање на локалната самоуправа на двете земји. 

- Advertisements -

Споделени беа и искуства за начинот и организацијата на унгарското министерство во делот на механизмите кои ги користи во насока на регионалниот развој, дигитализацијата на локалните услуги и зајакнувањето на општинските капацитети.

„Досегашната соработка и поддршка од нашите унгарски пријатели е исклучително важна за нашата држава. Унгарија е долгогодишен пријател и партнер во нашите реформи и со задоволство ја споделуваме нивната успешна практика во области кои се од големо значење за нашата локална самоуправа и регионален развој. Оваа средба е уште еден доказ за силната и континуирана поддршка која ја добиваме од Унгарија, а истовремено отвора нови можности за продлабочување на соработката помеѓу нашите земји“, изјави министерот Перински по средбата на која се разговараше и за можноста за зајакнување на соработката на полето на вмрежување на нашите локални заедници во рамките на програмите на ЕУ, што би придонело за поттикнување на иновациите и најдобрите практики на локално ниво.

„Споделените искуства се од особена важност за подобрување на капацитетите на локалната администрација и регионалниот развој во нашата земја, а интензивирањето на соработката е важен чекор во зајакнувањето на нашето партнерство со Унгарија како и во насока на остварување на европските амбиции на земјата“, додаде Перински кој на средбата го информираше министерот Наврачич за досегашниот тек на проектот за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, една од најзначајните мерки на нашата Влада за унапредување на општинскиот развој, која се реализира со средства обезбедени од унгарскиот кредит.

Поврзани новости