Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински.
На консултативен настан во Битола на кој учествуваа градоначалници од пелагонискиот и југозападниот регион, министерот Перински нагласи дека со новото законско решение ќе се модернизира актуелниот Закон за локална самоуправа.
-Станува збор за системски Закон за кој што се потребни две третини од Собранието и секако Бадентер за негово донесување. Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа. Сфативме дека актуелното законско решение треба да се модернизира и адаптира врз основа на модерните услови на живеење. На овој начин ќе се превенираат девијантни појави на мала група граѓани кои што секојдневно несоодветно депонираат и одлагаат отпад, несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која што локалните самоуправи издвојуваат значајни средства од своите буџети и во таа смисла сакаме да го коригираме и превенираме тоа однесување за да имаме поубаво место на живеење, изјави министерот Перински.
На првиот консултативен состанок со градоначалници, други претставници на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, министерот за локална самоуправа истакна дека предлозите за измени во Законот за локална самоуправа се одвиваат во транспарентен, инклузивен и јавен процес во кој се вклучени сите засегнати страни.
-Верувам дека само преку вака отворен процес ќе можеме да ги подобриме и зголемиме квалитетите на услугите што се испорачуваат од локалните самоуправи кон граѓаните, а со тоа ќе го подигнеме нивото на секојдневното функционирање на самите локални самоуправи. Овој процес е безрезервно поддржан од УНДП и Швајцарската Влада преку амбасадата на Швајцарија. Убеден сум дека ова системско решение ќе го подобриме и ќе ги подобриме условите во кои што функционираат локалните самоуправи, посочи Перински.
За потребата од измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, свои стручни мислења искажаа експертите Мемет Мемети, Гордан Ѓоргиев и Александар Спасеновски.