Завчера вечер во Охрид, покрај кеј, Никола Перевски, односно легендарниот Пере Нокаут, приреди одлична забава за љубителите на добрата музика. Настапот кој се одржа на отворено, со почитување на мерките за заштита од корона вирусот, помина со многу гости, кои и покрај ладното време останаа и ги пееа познатите стихови во еден глас со музичарот.
Пере направи одлична атмосфера, и не може, а да не се забележи дека настапува со истиот жар како од самите почетоци на сцената, уште пред околу 24 години, кога музичкиот етер се збогати со атракцијата Нокаут. Со него поразговаравме по завршувањето на концертот, откако заврши со фотографирањето со обожавателите и почитувачите на неговата музика, кои не беа во мал број, од тинејџери, до возрасни луѓе во петтата, па и шестата деценија од животот.
Љубезен и отворен за секоја тема, без да покаже умор од неколкучасовниот настап, Пере го започнува разговорот со зборовите
– Среќен сум, најсреќен! Како по втор пат да сум се родил, ете така се чувствувам овој период од животот. Деловите од слагалката доаѓаат на место, го сфатив она кое всушност секогаш сум го знаел длабоко во себе, ако немаш љубов, се ти е напразно во животот. Каде и да си, со какви убавини и да си опкружен, колку и да си успешен, без вистинска љубов, не си комплетна личност – појаснува музичарот, кој се подготвува во ноември по трет пат да стане татко, со неговата избраничка Јована.
Вели дека и покрај тоа што веќе е искусен родител, бидејќи има две ќерки од првиот брак, повторно чувствува трема и голема возбуда, очекувајќи го раѓањето на третата ќерка, во ноември.
-Ќе речете, навежбан си, трето дете, но не, со огромна возбуда и трема го очекувам ова ново поглавје. Пресреќен сум, се радуваат и ќерките. Сите сме во едно фино исчекување, жал ми е само што поради состојбата со корона вирусот и брат не може да дојде од Катар, па заедно да прославиме, да биде семејството на куп за вакви убави нешта – вели Перевски.
Тој помина неколку години во Барселона, Шпанија, каде заврши аудио продукција на катедрата за електронска музика на реномираниот институт „САЕ“, и раскажува дека колку и да му бил животот таму убав, постојано чувствувал дека нешто недостига. Токму Јована била оној дел од слагалката кој недостасувал, за да сега може со сигурност да каже како го пронашол својот мир.
-Со Јована се знаев уште кога бев во Барселона. Од некои работи не се бега. Колку и да сакав да не мислам на неа, љубовта – највозвишеното човечко чувство, си го направи своето. Скопје можеби е неспоредливо со Барселона, местоположбата, мирисот на море, различната култура на живеење и можностите за напредок кои ги нуди, но кога си покрај оние кои ги сакаш, нема место за жалење по било што друго-појаснува Пере.
За своите ќерки, Михаела (21) и Каја (13) раскажува со гордост. Грижлив татко е кој се труди да им помогне на децата да си го најдат вистинскиот пат и секогаш да бидат водени од моралните вредности во животот, но и покрај тоа го задржал другарскиот и отворен однос со децата. Нема табу теми во нивното семејство, заеднички се пристапува кон секој нов предизвик.
-Годината која буквално го запре светот, ете мене ми донесе неизмерна среќа. Знам дека новата нормалност која ја живееме е тешка, но ме радува што и покрај се, јас летово имав прекрасни концерти во Антички театар Охрид и Хераклеа во Битола. Факт е дека народот е желен за музика- вели музичарот, кој минатиот месец ја однесе победата на фестивалот за забавни мелодии Макфест, со песната ,,Сакам да живеам”. Покрај тоа, тој имаше и други настапи за време на летото во повеќе градови во земјава, а она кое е специфично за Нокаут, е што од самиот почеток на кариерата, ги полни салите.
Евергрините кои ги остави се пренесуваат од една на друга генерација, па не е изненадување кога на настап, во ист ги глас пеат тинејџери и гости во публика кои имаат и по 50 години. Наскоро најавува нови материјали, песни од кои најверојатно повеќето ќе бидат автобиографски, за да го одбележи овој дел од животот, за кој вели – Како пак да сум се родил.
Вики Клинчарова