До Судскиот совет пристигнала кандидатура од неодамна пензионираниот судија Елјеса Алији за претседател на Основниот суд Гостивар. Алији, кој претходно раководеше со судот, во мај годинава беше осомничен во случај поврзан со наводно примање поткуп од 8.000 евра.
Неговата кандидатура не била прифатена бидејќи исполнува услови за старосна пензија, соопшти Судскиот совет. За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот вршител на должноста Мирослав Петровски, чија документација била уредна и комплетна.
Од постапката била исклучена кандидатката Драгослава Веселиновска поради некомплетна документација. Според Судскиот совет, таа не доставила акциски план за работа.
На денешната седница Советот избра претседатели и на основните судови во Дебар и Свети Николе. За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски, додека со Основниот суд Свети Николе ќе раководи Валентина Буровска, која била единствен кандидат на огласот.
Истовремено биле разгледани и извештаите на Комисијата за проверка на пријавите за избор на претседатели на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга.
За претседателската функција во Апелацискиот суд Скопје во следната фаза продолжуваат судиите Зоран Герасимовски и Лидија Зимбовска, откако било утврдено дека нивните пријави се навремени и комплетни.
За претседател на Основниот суд Струга, пак, единствен кандидат е Танче Петревски.