Началникот на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Лазе Велковски, под чие раководство се води истрагата за издавањето на над 200 фалсификувани македонски пасоши на светски криминалци, е пензиониран откако исполнил 40 години работен стаж. Откако се појавија шпекулациите дека Велковски е разрешен од Министерството за внатрешни работи, оттаму за „Фокус“ објаснуваат дека Велковски не бил разрешен, туку ги исполнил условите за пензионирање.
– Досегашниот началник на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал Лазе Велковски не е именуван функционер од страна на Владата на РСМ, туку на позицијата е поставен со интерен оглас. Притоа, тој не е разрешен, туку го исполни условот за пензионирање – 40 години работен стаж, со што работниот однос му престанува согласно Законот за внатрешни работи. На негово место, со времено решение, е поставен Ветон Кранлиевски, државен советник во Кабинетот на министерот и долгогодишен вработен во Министерството за внатрешни работи, се вели во писмениот одговор од Министерството за внатрешни работи.
Велковски официјално навршува 40 години работен стаж на 18 мај, но сепак Законот за внатрешни работи, на којшто се повикува МВР, му дава можност да му се продолжи договорот за вработување најмногу до навршување на 45 години пензиски стаж.
-Работникот со писмена изјава до Министерството може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до навршување на 45 години пензиски стаж, без оглед на неговите години на возраст, се вели во еден од членовите од Законот за внатрешни работи, кој според нашите извори не бил испочитуван.
Одделот за за сузбивање на организаиран криминал е вклучен во сите поголеми истраги што ги води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на чело со обвинителката, Вилма Русковска, а во тек е истрагата за издавањето на лажните пасоши за којашто цела јавност очекува да се прошири кон раководни структури во МВР, откако обвинетите службеници од пасошкото одделние признаа вина и добија минимални затворски казни.
Кога на чело на МВР застана министерот од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски, Велковски беше назначен за директор на Бирото за јавно безбедност,но во сите овие години тој полека паѓа од хиерархиската структура во МВР каде поминал безмалку 40 години.
Велковски беше сменет од директор на Бирото за јавна безбедност откако во јавноста излезе снимка во која се гледаше како полициски џип оди кон Грција, а беше снимен од позадина. Потоа МВР потврди дека телохранител на Велковски ја носел неговата ќерка на одмор, а внатрешната истрага утврди дека не била запазена процедурата за патување.
Сепак МВР тогаш не утврди кој снимал џипот, а премиерот Зоран Заев тврдеше дека зад разрешувањето не се кријат внатрепартиски пресметки.
-Лазе е наш, но мора да понесе одговорност, порача тогаш Заев. На неговото место за директор на Бирото за јавна безбедност беше именуван телохранителот на Спасовски, Сашо Тасевски.
Фросина Факова-Серафиновиќ