Со транспаренти на кои пишува „Протест за преживување“, „Бараме 3.500 линеарно покачување“ излегоа денеска пензионерите на протестот пред Сојузот на здруженијата на пензионерите од каде побараа повисоки пензии, но и повикаа на оставки.
Побараа оставка од раководството на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, коментирајќи дека нивната работа треба да биде истражена од Антикорупциската комисија и Обвинителството.
Пензионерите побараа линеарно зголемување на пензиите и утврдување на минимална пензија.
Потоа се упатија кон Министерството за труд и социјална политика каде што ќе бараат средба со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите.
Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.