Пензионерот Раниери на кормилото на Рома до крајот на сезоната

by Fokus

Клаудио Раниери (73) се врати од пензија и ја презеде Рома до крајот на сезоната, објавија од клубот.

Искусниот стручњак ја водеше „волчицата“ од 2009 до 2011 година и повторно во 2019 година, а ќе стане нивни трет тренер во сезоната откако Даниеле Де Роси и Иван Јуриќ добија отказ.

„На крајот на сезоната Клаудио ќе се пресели на позицијата виш извршен директор каде ќе биде советник за сите спортски работи во клубот“, се наведува во соопштението.

„Потрагата по иден тренер ќе продолжи во наредните месеци. Клаудио исто така ќе учествува во таа одлука“, се додава.

Тие истакнуваат дека Раниери е вистински симбол на вредностите на клубот.

„Роден во Рим и доживотен романист, Раниери го носеше дресот на Рома како играч во сезоната 1973-74, а подоцна беше главен тренер на тимот во два одделни прилики. Тој е вистински симбол на вредностите на клубот и еден од најценетите римски спортски фигури ширум светот“, се вели во соопштението на клубот.

Најголемиот успех во тренерската кариера Раниери го постигна во 2016 година, кога со Лестер ја освои Премиер лигата.

Рома загуби четири од последните пет првенствени натпревари и моментно е на 12. место со 13 бода.

Поврзани новости