Пензионерот од Демир Капија кој го уби соседот, па се самоуби, поседувал дозвола за пиштолот

by fokus

Демиркапиецот М. К. (72) кој рано утринава го убил својот сосед Бојан М. (34), а потоа се самоубил, поседувал активна дозвола за оружје, пиштол, со кој било извршено делото.

Тоа за ,,Фокус” го потврдија од Министерството за внатрешни работи.

Исто така, истакнуваат дека по извршените проверки во службените евиденции и согласно податоците со кои располагале, во МВР биле евидентирани неколку поплаки за тропање, од кои последната на 19.01.2023 година, за кои Б.М. добил предупредување.

Според законот за оружје, на лицата постари од 65 години дозволата за оружје им се издава со рок на важење од пет години. Условите за продолжување на дозволата ги утврдува надлежниот орган по службена должност, а ако лицето е постаро од 65 години е потребно да достави и лекарско уверение не постаро од една година.

Се смета дека постои опасност за јавниот ред ако физичкото лице е регистрирано во евиденцијата на надлежните органи за често и прекумерно консумирање алкохол или употреба на наркотични дроги и психотропни супстанции, потешко нарушување на односите во семејството, местото на живеење, образовната установа или на работното место, семејно насилство и слично.

Конкретно за М.К., од МВР велат дека поплаките не се евидентирани против него, туку тој се жалел поради тропањето на соседот Бојан М..

Јавноста од Демир Капија е вознемирена од трагедијата, а познаници на починатите раскажаа дека нивните меѓусоседски нарушени односи датирале од поодамна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости