Пензионерите блиски до ВМРО-ДПМНЕ најактивни во повиците за масовноста на протестите

by Fokus

Најави за организиран превоз до Скопје за пензионери од внатрешноста започнаа да споделуваат симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи повикувајќи на масовност. Протестот на дел од пензионерите е закажан за денеска во Скопје, а симпатизерката на партијата, Верица Анѓушева од Велес, чиј фејсбук профил изобилува со фотографии од собири на ВМРО-ДПМНЕ, во групите на социјалните мрежи информира дека постои организиран превоз за велешките пензионери за денешниот протест во Скопје.

Таа објави и детали дека се поаѓа од градската автобуска станица и бара нејзината објава да се сподели, но не информира кој го плаќа организираниот превоз.

Некокупати досега се покрена дилемата дали постои ли партиска позадина зад протестите на дел од пензионерите. На протестите кои се организираа во градовите во внатрешноста, поконкретно во Битола најактивен беше Антонио Димитровски. Тој може да се забележи на речиси сите фотографии кои ги објавија локалните медиуми. Тој е во првите редови на протестите во градот, но се поставува прашањето за намерата на неговото учество, со оглед на фактот дека е татко на актуелниот секретар на Општина Битола, Борче Димитровски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Медиумите споделуваа фотографии од протестот во Прилеп, а на нив можеше да се забележи пензионерката Верче Јанческа. Таа неофицијално освен што е член на ВМРО-ДПМНЕ е и член на партиските структури, односно член на ветераните на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. На нејзиниот фејсбук профил може да се забележат фотографии со претседателот на партијата Христијан Мицкоски, а воедно има и фотографии од партиски активности. Во меѓувреме, се јавува и како организатор на протестите на дел од пензионерите.

Протестите започнаа со барањето за линеарно покачување од 3.500 денари на пензиите, иако со новата методологија, актуелна методологија, пензионерите добија повисоки пензии за околу 21 отсто за само година и пол. Според Министерството за труд и социјална политика актуелната методологија за порамнување на пензиите обезбедувала историски најголем и континуиран раст на пензиите, а протестите не се решение. Со новата методологија во септември 2022 година порастот беше 6,8 отсто, во март оваа година 8,4 отсто и дека според моменталната проекција за септември 2023 година се најавува раст за најмалку  6 отсто.

Поврзани новости