Американската војска денеска соопшти дека нејзините сили немале никаква улога во израелската операција во која беше убиен лидерот на Хамас Јахја Синвар, иако американското разузнавање му помогна на Израел да ги лоцира лидерите на Хамас кои беа земени како заложници минатата година.
– Ова беше израелска операција. Американските сили не беа директно вклучени – изјави портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
Според него, САД помогнале да се обезбедат разузнавачки информации поврзани со враќањето на заложниците и следењето и локацијата на лидерите на Хамас кои биле одговорни за држење на заложниците.
– И, се разбира, ова генерално придонесува за разбирање на ситуацијата. Но, повторно, ова беше израелска операција. И би ве упатил кај нив за да разговарате за деталите како поминала операцијата – рекол Рајдер на брифингот, пренесува Ројтерс.
Неговите коментари уследија по изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден дека му наредил на американскиот персонал за специјални операции и разузнавачки служби да му помогнат на Израел да ги „лови“ Синвар и другите милитантни водачи откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година.
По повод пристигнувањето на американската батерија THAAD за зајакнување на израелскиот систем за противвоздушна одбрана, Рајдер нагласи дека компонентите на ова оружје почнале да пристигнуваат во Израел.
– Оперативно ќе биде готов во блиска иднина. Нема да навлегувам во конкретни датуми… Ќе кажам дека тоа е интегрирано во воздушната одбрана на Израел, како и во пошироките напори на САД на регионално ниво за поддршка на одбраната на Израел – рече тој.