Пентагон денеска објави дека САД ќе му испратат на Израел напреден противракетен систем и американски војници кои ќе управуваат со него со цел да ја зајакнат израелската противвоздушна одбрана по ракетните напади од Иран.
Портпаролот на Пентагон, Пат Рајдер, изјави дека распоредувањето на противракетниот систем THAAD треба да го зајакне израелскиот систем за воздушна одбрана, пренесе Ројтерс.
Рајдер истакна дека испраќањето на системот THAAD во Израел е дел од пошироките напори на американската војска во последните месеци да ја поддржи одбраната на Израел и да ги заштити Американците од нападите на Иран и иранските милиции.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи денеска предупреди дека САД ги ставаат на ризик животите на своите војници кога ги распоредуваат да управуваат со американските противракетни системи во Израел.
Иран нема црвени линии во одбрана на својот народ и интереси“, напиша Аракчи на платформата „Х“.
Иран лансираше ракети и беспилотни летала врз Израел во април и истрела повеќе од 180 балистички ракети врз Израел на 1 октомври во ескалацијата на конфликтот во Тел Авив со либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, пренесува Танјуг.