Пентагон: Русија ги информираше САД за планираните нуклеарни вежби

by fokus

Русија ги информираше САД дека планира да спроведе вежби на своите нуклеарни сили, соопшти Пентагон, одбивајќи да даде повеќе детали за тоа дали вежбите ќе вклучуваат лансирање на балистички ракети.

„САД се известени и, како што нагласивме претходно, ова е рутинска годишна вежба од страна на Русија. Во овој поглед, Русија дејствува во согласност со обврските за контрола на вооружувањето и нивните одредби за транспарентност“, рече портпаролот на американските воздухопловни сили, генерал Патрик Рајдер, на прес-конференција.

Според новиот договор СТАРТ, Русија е обврзана однапред да извести за лансирања на такви ракети, рекоа американските власти.

Рајдер одби да даде повеќе информации.

Русија во вторникот пред Советот за безбедност изнесе обвинувања дека Украина планира напад со „валкана бомба“, што и украинските власти и нивните западни сојузници го отфрлаат како руски изговор за ескалација на војната.

Како што пренесуваат странските агенции, западните сојузници се уверени дека можат да направат разлика помеѓу руските воени вежби и секое движење што може да биде нуклеарна закана.

Поврзани новости