Kина до 2035 година најверојатно тројно ќе го зголеми својот нуклеарен арсенал, до кога ќе има 1.500 нуклеарни боеви глави, соопшти денеска Пентагон во извештај во кој се истакнува постојаното подобрување на кинеската авијација.
Бројката ја нагласува зголемената загриженост во САД за намерите на Кина да го прошири својот нуклеарен арсенал, иако прогнозите не покажуваат забрзување на и онака брзиот развој на боеви глави во Кина.
„Трупањето е брзо и преголемо за да се прикрие. Тоа го покренува прашањето дали Кинезите се оддалечуваат од стратегијата што ја нарекоа ефикасно одвраќање”, изјави висок официјален претставник на американската одбрана на брифинг со новинарите за годишниот извештај на Пентагон за кинеската војска.
Во извештајот, главно заснован на анализа од 2021 година, се наведува дека Кина во моментов во своите резерви има повеќе од 400 боеви глави.
Пентагон предвидува дека кинескиот нуклеарен арсенал до 2030 година ќе брои 1.000 боеви глави, а проекцијата за 2035 година се заснова на рамномерното темпо на развој.
Кина тврди дека нејзиниот арсенал е минорен во споредба со американскиот или рускиот и дека е подготвена за дијалог, но само доколку Вашингтон го намали своето количество на нуклеарно оружје на кинеско ниво.
САД поседуваат приближно 3.700 нуклеарни боеви глави, од кои распоредени се околу 1.740, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот.