Пенов: Современиците на Скопје по земјотресот ни оставија град кој можеше да биде пример во светот

by Fokus

Благодарение на голем број имени, но и безимени херои по земјотресот во 1963 година ни оставија наследство што не може ниту да се купи, ниту да се продаде затоа што е бесценето, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, по повод одбележувањето на 60 годишнината од Скопскиот земјотрес на форумот во организација на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

„Денеска сочувствуваме, но и се гордееме со подвизите на луѓето кои што во тие тешки денови и во годините потоа покажаа дека човечноста и разумот се најголемата, непобедлива сила. Дека има времиња во кои што императив е опстанокот и напредокот, и тогаш, секое беспоштедно себе давање не е жртва, напротив, тогаш се раѓаат хероите на своето време и секој повод поврзан со одбележувањето на најтрагичниот настан во поновата историја на Скопје буди измешани емоции, на голема болка, но и на восхит и гордост“, изјави Пенов.

Тој рече дека современиците на Скопје од тоа време ни оставија во наследство град кој што има потенцијал да се развива во модерен, функционален, урбан центар, град кој што можеше да биде пример во светот.

„И е пример за тоа како треба, како не треба и како мора да продолжиме. Одговорноста за нашите животи, за просторот и за условите во кои што живееме, за отпорноста на новите предизвици кои што ќе бидат се поизразени заради брзиот развој, растењето на градовите и климатските промени е само наша. Денеска сочувствуваме, но, благодарение на многуте имени и безимени херои од тоа време, имаме на што и да бидеме горди. Ни оставија наследство кое што не може ниту да се купи ниту да се продаде, зашто е бесценето, наша обврска е да го почитуваме и да го негуваме“, рече Пенов.

Пенов додаде дека основањето на ИЗИС, со поддршка на УНЕСКО во 1965 година, беше гаранција дека Скопје ќе се гради на нови, сигурни темели, со почитување на највисоките светски стандарди.

„Во име на таа победа, вредни се да се споменат првите луѓе на градот кои што во тие времиња на најголеми предизвици, покажаа вонредна посветеност и визионерство. Тогашниот претседател на Собранието на Скопје, Благој Попов, кој што ги организираше спасувањето и обновата на Скопје и градоначалникот во следниот мандат, Драгољуб Ставрев кој што имаше визија и кој што даде огромен придонес во изградбата на модерно Скопје, со поддршка на целата меѓународна заедница“, рече Пенов.

Поврзани новости