Пендовски: Ја ставивме Македонија на европската мапа за ветеринарство

by Fokus

Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје посветува големо внимание на науката и едукацијата, бидејќи само преку процесот на образование се овозможува стекнување на знаења, вештини, способности и квалификации неопходни за успешно интегрирање во сите сфери на општественото живеење. Овој собир претставува признание за сите нас бидејќи Македонија како земја ја ставаме на европската мапа за ветиринарство, истакна деканот на Факултетот проф. д-р Лазо Пендовски, на отворањето на 9-от Меѓународен научно-стручен собир „Денови на ветеринарна медицина-2022”, во организација на Факултетот кој се одржа викендов во Охрид.

 

– По пауза од 3 години, главно поради пандемијата со Ковид, деновите за ветеринарна медицина повторно се етаблираат, а денес на годинешниот собир покрај научната фела има учесници и од практиката, од органите на државната управа, од производители и контролори на хранителни производи, претставници на дијагностички лаборатории, како и стручни лица кои се вклучени во истражувања во ветеринарната медицина, но и во областа на базичните науки, рече проф. д-р Пендовски.

 

Според деканот меѓународната димензија и соработка во високото образование е витален инструмент за одржување на чекор со современите светски трендови во науката и праксата.

– Од науката се бараат нови, подобрени решенија за проблемите поврзани со дејностите од нашата област на овој настан главна цел е надградба на научните сознанија опфаќајќи ги темите и пристапот за концептот на „Едно здравје“, здравјето на животните и нивната благосостојба како и безбедноста на храната, што претставуваат многу актуелни и современи теми, значајни за науката, но и за практиката, вели тој.

 

Според проф. д-р Пендовски овој настан e можност за воспоставување на форум на кој ќе се разменуваат современите сознанија во ветеринарната медицина, како и можност за локалните, регионалните и светски научници да ги презентираат своите научни постигнувања.

 

– Сакам да ја истакнам и улогата на Научниот комитет на собирот, кој селектира 105 научно-стручни трудови меѓу кои се 8 пленарни предавања, 59 усни презентации и 38 постер презентации кои беа презентирани на настанот од автори од 15 земји, поделени во 10 научни сесии, рече проф. д-р Пендовски.

 

Тој додаде дека дополнително во соработка со Ветеринарната Комора се организираат работилници дизајнирани за практичарите каде одблизу ќе можат да се запознаат со новите сознанија за регенеративната медицина, за ортопедијата и офталмологијата кај домашните миленици.

 

– Оваа година создадовме и работилница поврзана со валидацијата на Европските референтни лаборатории и интеграцијата на мрежата за Национални референтни лаборатории кои се клучот за успешна лабораториска дијагностика во секоја држава. Не помалку се важни и нашите студенти кои под менторство на нашите професорите исто така ќе презентираат научни трудови и ќе се носат со предизвиците на научната мисла а ќе бидат и изложени со своите научни постигнувања на целокупната научна јавност. Токму инвестицијата во пренос на знаење на нашите студенти е вложување во иднината на ветеринарната професија, посочи деканот.

 

Според него заштитата на населениото од заразни болести како и контролата на здрава храна од животинско потекло наменето за исхрана на населението бара подготвеност да се решаваат проблемите со ветеринарното јавно здравство.

 

– Факултетот има клучна улога во анализата на ризиците при појава на заразните болести, носечка улога при брзината на реакција при загрозување на здравјето на луѓето и на животните, преставувајќи ја секогаш првата линија за пристап на информација при појава на биолошките непогоди, особено од заразните болести, а се однесуваат на животните и/или истовремено на луѓето а можат да бидат отстранети единствено од нас, бидејќи нивниот извор се животните, додаде тој.

 

Во последните години, Факултетот разви јасна и сеопфатна стратегија, комбинирана со прагматичен и добро насочен концепт, со цел да им излезе во пресрет на приоритетите потреби во нашата земја Посветеноста на Факултетот преку апликативната работа во лабораториите овозможува директна соработка со јавниот сектор а од друга страна и со индустријата.

 

Денес, Факултетот располага со капацитети кои имаат најсовремена опрема за вршење на анализи за квалитет и безбедност на храната односно за испитување на здравствена заштита на животните кои по степенот на развој се на ниво на современите центри и националните референтни лаборатории во светот.

 

Само за илустрација, Факултетот има повеќе од 190 акредитирани методи со кои се вршат анализи и се во согласност со меѓународно прифатениот стандард ИСО 17 025.

 

Но исто така, Универзитетската ветеринарна болница која е единствена во државата денес располага со нови капацитети за болничко лекување, современа биохемиска лабораторија, ултразвучна и рендген дијагностика, компјутерска томографија и модерно опремени хируршки сали за третман на животни а сето ова е само доказ дека Факултетот за ветеринарна медицина се носи со современите концепти на големите ветеринарни естаблишменти.

 

На настанот учествува еминентни професори, научници и доктори по ветеринарна медицина од голем број земји, ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски како и директорот на Ветеринарната Комора, Томислав Николовски, а беа присутни и декани, продекани и претставници од Ветеринарните факултети при Универзитетот во Латвија, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Љубљана, Универзитетот во Загреб, Универзитетот во Сараево, Универзитетот во Нови Сад, Универзитетот во Софија, Универзитетот во Тирана, Универзитетот во Приштина, како и директори на Научните ветеринарни институти во Белград Загреб, во Нови Сад, во Краљево, Ниш, Шабац, како и од Велика Британија, Франција, Италија, Данска, Белгија, Турција и други земји.

 

Поврзани новости