Пендаровски заминува во Брисел на средби со челниците на ЕУ

by Фокус

Претседателот Стево Пендаровски утре во Брисел ќе оствари средби со челниците на Европската Унија. Од неговиот кабинет соопштија дека тој ќе оствари средби со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, и со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.

Првата средба на утрешната агенда на македонскиот претседател е рано наутро со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, а во меѓувреме се предвидени и состаноци со европратеникот и известител за Северна Македонија, Илхан Кјучук и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Пендаровски патува во Брисел ден по посетата на седиштето на ЕУ на српскиот претседател Александар Вучиќ. На денешната заедничка прес-конференција со Борел, Вучиќ изјави дека една од главните теми бил дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Поврзани новости