Пендаровски: Загубите се големи, но имунизацијата е клучот!

by fokus

Глобалната економија се уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи. За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на првиот „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, организирана од Министерството за финансии. Пендаровски смета дека имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и оти не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините.

Осврнувајќи се на нашата економија за која рече дека не е исклучок од светските трендови, Пендаровски посочи на донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.

-Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за опоравување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти, оцени претседателот Пендаровски.

Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот ги нотираше и предизвиците наметнати од пандемијата на Ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко делување на глобално ниво.

-Несомнено имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините, порача претседателот Пендаровски.

Поврзани новости