Денешна белградска „Политика“ на насловната страна под насловот “Се надевам во скоро време на средба со Вучиќ”, го објави интервјуто со новиот македонски претседател Стево Пендаровски, во кое тој односите меѓу Македонија и Србија ги оцени како многу добри.
На новинарското прашање за ставот на Северна Македонија околу решавањето на косовското прашање, Пендаровски изјави дека нашата земја ја призна независноста на Косово водејќи се од стратешките ориентации и од ставот на граѓаните од албанската заедница, која е втора по бројност во државата.
Тој додаде дека верува оти позицијата на Северна Македонија кон Косово не ги оптоварува односите на двете земји, и лично, ќе вложи максимални напори за развивање на овие односи во позитивна насока.
-Тука секако спаѓа и билатералната средба со претседателот Александар Вучиќ, на која се надевам веднаш по преземањето на функцијата претседател на Република Северна Македонија, изјави Пендаровски во интервјуто за “Политика”.
Објаснуваќи дека ќе биде претседател на сите граѓани, тој посочи дека претседателот мора да ги обедини граѓаните, да го поддржува дијалогот во општеството и да работи на постигнување на стратешките цели на државата, а тоа се членството во НАТО и ЕУ, што е поддржано од мнозинството граѓани, додавајќи дека ќе биде отворен за нови идеи и сугестии, “без оглед дали предлогот е дел од политичката платформа на противкандидатите”.
На прашањето какво значење има за Скопје сегашната дипломатска равнотежа во светот, која е сосем поинаква од почеток на деведесите години, Пендаровски посочи дека евроатланската орентација на РСМ е сопствен избор на земјата, а не резултат на поделба на интересите.
-Оваа ориентација е поддржана од огромното мнозинство граѓани на Северна Македонија, од сите заедници од Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и други. Ние во Собранието уште во 1993 година донесовме одлука да влеземе во НАТО и во ЕУ, како цел на нашата политика. Во таа смисла, нашето членство во овие организации не е прашање на дневна политика, туку стратегија која ја спроведуваат сите релевантни политички фактори, напомена новиот македонски претседател.
Запрашан дали има решение за проблемот со идеолошките, политичките, партиските и патриотските поделби и дали смета дека е можно граѓаните да се обединат во однос на Преспанскиот договор, Пендаровски напомена дека овој проблем е многу комплексен, констатирајќи дека двете земји во исто време имаат два многу прогресивни премиери Заев и Ципрас, објаснувајќи дека Преспанскиот договор ги утврдува идентитетските прашања на македонскиот народ, како што се македонскиот јазик, културата и цивилизацијата.
Во интервјуто за „Политика“ Пендаровски оцени дека јазот меѓу Македонците е продлабочен од националистичката кампања на раководството на политичката опозиција и реториката на омраза и страв.
-За жал, гледам дека национализмот и популизмот станаа дел од политичкиот живот во повеќето земји од Европа, па дури и Северна Македонија не е исклучок. Најважно, сепак, е прогресивните партии да нудат кредибилна алтернатива за повеќето граѓани кои, и покрај тоа, не ја поддржуваат политиката на поделба, страв и омраза “, заклучи Пендаровски.