Пред точно 32 години, ги паметиме зборовите на првиот претседател Киро Глигоров: да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија, вака ја почна претседателот Стево Пендаровски честитката до граѓаните за Денот на независноста 8 Спетември.
Тој во видео честитката вели дека низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на Денот на независноста. Претседателот потсети дека успесите не радуваа, а примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја рушеа довербата во институциите и ја обезвреднува самата држава.
-А цената ја плаќаат оние кои најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а, тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат, рече Пендаровски во својата честитка.
Тој понатаму додава:
-Знам дека ова не се вообичаени празнични пораки, но, се неопходни, затоа што, граѓаните на 8 септември 1991-та гласаа за уредена и просперитетна Македонија која сеуште ја немаме. Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме. Од нас денес не се бара илинденскиот или партизанскиот хероизам наспроти тиранијата. Од нас денес се бара да имаме фунционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани. Смислата на постоењето на републиката е да го оствариме заедно она што не можеме да го постигнеме засебно ‒ слобода, правда, економска благосостојба и соживот. Како што секој успех на македонската држава до сега е плод на заеднички напори, така и речиси секој системски неуспех е последица на отстапувањето од тој принцип
Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика, а не само со зборови да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме.
Државата има многу умни и доблесни луѓе со образ, луѓе домаќини кои можат да го обноват духот на македонската република врз основа на темелните уставни и општоцивилизациски вредности. Само така ќе го зачуваме зрното надеж дека по повеќе од три децении конечно ќе имаме европска и демократска Македонија во која младите ќе сакаат да живеат и просперираат.