Претседателот Стево Пендаровски во врска со бегството на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков ги повикува сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки со цел да биде спроведено судското решение за негов притвор.
„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, потенцира претседателот Пендаровски.
Претседателот очекува надлежните институции во најкус можен рок да спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции да биде преземена одговорност.
Граѓаните бараат одговорност и кривична и морална. Борбата за правна држава значи секој кој се огрешил пред законот да биде казнет, порачува претседателот Пендаровски.