Шефот на државата Стево Пендаровски во библиотеката на Парискиот мировен форум подари копија од книгата „Македонија е се што имаме“ од првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров.
Пендаровски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук порача дека наследството од Глигоров треба да биде водилка за одговорност пред граѓаните да се развива општество на соживот и просперитет насочено кон евроатлантското семејство.
– Во библиотеката на Парискиот мировен форум дадов копија од книгата „Македонија е се што имаме“ од првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров. Таа е добар потсетник како во 1990-тите во време на конфликти на Балканот, се изборивме за самостојност и меѓународно признавање, процеси кои немаше да се случат без лидерството на претседателот Глигоров. Неговото наследство треба да биде водилка за сите што доаѓаме после него посетувајќи не дека имаме одговорност пред граѓаните да развиваме општество на соживот и просперитет насочено кон евроатлантското семејство, стои во објавата на Пендаровски на Фејсбук.
Претседателот Пендаровски вчера учествуваше на Парискиот мировен форум, а во тек на посетата на Франција имаше средба со неговиот француски колега Емануел Макрон.