Пендаровски во ОН: Итен пробив на Западен Балкан кон ЕУ!

by fokus

Почетокот на крајот на пандемијата е на повидок, треба да поддржиме нови идеи и иницијативи, а при соочување со сложените и меѓузависни проблеми на новото време ни треба посилно и подлабоко партнерство и солидарност, порача претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Пендаровски потенцираше дека Западен Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција.

-Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција – рече Пендаровски, наведувајќи дека земјава продолжува да ги зајакнува внатрешната стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права.

Како што посочи тој, самиот факт што најголемиот број лидери се присутни, наместо да се обраќаат преку видео- пораки, говори дека почетокот на крајот на пандемијата е на повидок.

-Пандемијата, како и секоја голема несреќа во историјата на човештвото, е лекција која мораме да ја научиме. Не само ковид-19, туку повеќето од предизвиците со кои се соочува човештвото не запираат на нашите државни граници и не прават разлика меѓу нациите, религиите и идеологиите. Со сите глобални проблеми, без разлика дали се работи за безбедност, пандемии или климатски промени можеме да се избориме само со поголема емпатија, соработка и солидарност – рече Пендаровски.

Водена од чувството за морална обврска и солидарната одговорност, истакна тој, Македонија прими значителен број бегалци од Авганистан, особено од најранливите категории.

-За стотици од нив веќе е обезбедено сигурно засолниште и услови за достоинствен живот. Веднаш откако првиот авион со авганистански бегалци слета на скопскиот аеродром, се роди бебе во локалната болница, симболичен извор на надеж и доказ дека животот, сепак победува! Подготвени сме да дадеме свој придонес кон напорите на меѓународната заедница со цел да овозможиме подобар живот за овие лица погодени од воениот хаос и деструкција – порача Пендаровски.

Поврзани новости