Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски на своето денешно обраќање даде свој осврт на годината што изминува.
Тој порача дека претстои голема работа и борба против стереотипите во нашата држава.
„Кога дојдов на функцијата, се обврзав јавно како што доликува на претседател. Тоа подразбира да биде достапен на граѓаните, незвависно дали го гласале или не. Во мојот мандат успеав да останам неутрален и стои огромна работа пред нас. До крајот на годината, за првпат во кабинетот на еден претседател, ќе организираме серија средби на навивачките групи во кои се активни млади со различна етничка припадност, и на кои средби, на моја покана, ќе бидат присутни и неколку учесници и сведоци од конфликтот во 2001-та, кои тогаш беа на различни страни. Мојата цел е на овие млади луѓе преку директни примери да им ја покажеме, од една страна, цената на насилството, а од друга, вредноста на дијалогот и дебатите и за најтешките прашања со кои сме соочени во нашата заедничка земја. Старите поделби по етничка и партиска линија не ги надминавме, а на дневна основа веќе ги гледаме новите поделби, дали во врска со лицата со попреченост, дали во однос на различната сексуална ориентација и родовиот идентитет на некои од нас. Драги пријатели, сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество. Притоа, ниту една промена на подобро не се случила затоа што јавноста или средината биле подготвени за тоа, туку, затоа што некој активно работел за тие промени да се случат. Против предрасудите и стереотипите треба да се бориме сите, но, да не се лажеме, одговорноста да се биде во првите редови на таа борба лежи, пред сè, врз нас, избраните политичари. На моја иницијатива одржавме средба со најголемите лидери на партиите. Средбата на лидерите покажа дека поседуваме квалитетен домашен потенцијал“, истакна Пендаровски.