Пендаровски: Внесувањето на помалите етнички заедници во Уставот нема да ја загрози безбедноста на државата

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ рече дека „вековната традиција на мултиетничка коегзистенција и почитување на различните од нас се наша важна стекната вредност. Најголем успех на државата е кога сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или припадници на други етнички заедници, независно дали се христијани, муслимани, Евреи или атеисти ја чувствуваат како своја единствена заедничка татковина“.

„Најповолни услови за мултиетничка кохезија нуди функционалната демократија. Во едно етнички, јазично и верски хетерогено општество, какво што е македонското, единствено функционалната демократија може да осигура заеднички живот за различните идентитети. Функционалната демократија овозможува хармонизирање на интересите, заедничко градење на политиките и обединување околу јавниот интерес“ рече Пендаровски.

Тој смета дека „и внатрешната кохезија и функционалноста на демократијата директно зависат од европските интеграции и од тн. европски вредности, кои, пак, имаат дополнително значење во нашиот специфичен домашен контекст. За нас тие значат јакнење на демократските институции, но и создавање услови за просперитет на заедниците и на општеството во целина. Демократијата не може да се сведе само на гласањето на денот на изборите. Таа вклучува владеење на правото, функционалност на институциите, почитување на заедниците, колективна посветеност кон општото добро и деликатен баланс меѓу правата и одговорностите на секој нејзин граѓанин. А сето тоа се постигнува со превземањето на европските стандарди и вредности во секој сектор на државата и во секоја сфера на општеството“.

„Европските интеграции и вредности се важни и за регионот на Балканот каде што сеуште постојат ретроградни тенденции со деструктивен потенцијал кои во услови на бројни кризи, вклучително и војната во Украина, можат негативно да се одразат и врз нас. Сведочиме дека опасните наративи за големи држави на Балканот сеуште се злоупотребуваат за мобилизирање на се поапатичните и се помалубројни гласачи во нашиот регион, особено во изборните години. На ваквите провокации на кои сме и ние изложени од време на време, одговорот е јасен – европските интеграции се единствената противтежа на сите оние кои се обидуваат да го поделат општеството, да ги свртат заедниците една против друга, за да можат да ги реализираат своите анахрони идеи“ смета претседателот Пендаровски.

Го повтори ставот дека „внесувањето на помалите етнички заедници во Уставот, вклучително и на Бугарите, нема да ја загрози безбедноста на државата, ниту ќе ја разниша нашата внатрешна стабилност. Токму затоа го поддржав процесот за уставни измени и делегирав свој претставник во работното тело. Убеден сум дека колку сме поразлични, толку е поширок хоризонтот на можности. И сето тоа зависи само од нас и од нашата подготвеност да ја прифатиме различноста како општо добро“.

Поврзани новости