8 Септември не е, како што некои скептици коментираат, некогаш и денес, стихијна и непромислена авантура на еден млад и историски неопитен народ, туку обмислено заокружување на најзначајниот проект во нашата историја врз чијшто концепт работеа плејада врвни македонски интелектуалци, рече претседателот на државата Стево Пендаровски во обраќањето по повод 8 Септември на централната прослава „30 години независност“.
-На 8 септември 1991 година македонските граѓани го искористија своето суверено право на самоопределување и по мирен и демократски пат се изјаснија за независност. Гласот „за“ суверена и самостојна Република Македонија беше глас на човековото достоинство и израз на неотуѓивото право на секој народ и на секој македонски граѓанин самиот да реши за себе, за своите деца, за сопствената држава и иднина. На тој ден-8 септември 1991 се вкрстија во едно, сите претходни Илиндени, на сите генерации кои сонувале, се бореле, гинеле, но, на крајот, сепак, се избориле за нашата слобода, рече претседателот.
Тој порача дека, како што државата е одговорна за своите граѓани, така и секој еден од нас е одговорен за државата, затоа што, како што рече, од нас самите зависи нејзиниот опстанок и нејзините перспективи.
-Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите. Овие две оски на нашата стабилност не секогаш беа ускладени. Понекогаш тоа беше поради притисокот на надворешните фактори врз кои ние немавме никакво влијание. Негирањата и заканите, двојните стандарди, политичките блокади на нашите интегративни процеси ни одзедоа премногу време и енергија. Затоа, направивме тешки, но неопходни политички компромиси, со цел да отвориме нови перспективи и да излеземе од изолацијата во која некои свесно не туркаа, рече Пендаровски.
Но, исто така порача дека за дел од проблемите сме и самите виновни. -Години и години изгубивме додека се обидувавме да извршиме историски инженеринг врз нашето потекло и корени кои се неспорни и одамна потврдени, или кога некои права поврзани со статусот и вклученоста на етничките заедниците во заедничката држава долго време ги држевме на маргините. Од време на време, прекумерната етнизација на политиката и партизацијата на институциите дополнително ја влошуваа состојбата што доведуваше до меѓуетнички тензии, политички кризи и длабоки поделби меѓу граѓаните кои ја нарушија нивната доверба во сопствената држава, рече претседателот во својот говор.
Според него, независноста стекната во 1991-та е третата и последна фаза на најголемиот национален проект во нашата историја, започнат и развиван преку двата Илиндена. -Прашањата од типот, зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не илјада, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни. Не треба да бегаме од фактот дека тие проблеми и потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, тоа, на ниеден начин не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив да имате независна, слободна и конечно, и најважно, наша, сопствена држава. Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт однадвор наметната, а такви, за жал, во нашата историја имавме предолго, рече тој.
На крајот од говорот претседателот порача дека Република Северна Македонија треба да ја градиме како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. -Да вложуваме во квалитетно образование, што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да инвестираме во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови, изјави Пендаровски.