Пендаровски утре ќе одлучи за вонредната состојба, ќе свика лидерска ако Заев и Мицкоски ги приближат ставовите

by Фокус

Претседателот на државата Стево Пендаровски утре ќе одлучи дали ќе донесе одлука за продолжување на траењето на вонредната состојба, откако претходно ќе се одржи седница на Советот на безбедност, велат извори од претседателскиот кабинет.

Како што истакнуваат од таму, одлуката за вонредната состојба ќе биде врз основа на аргументи поврзани со пандемијата со корона вирусот, а не со одржувањето на парламентарните избори.

Во однос на прашањето дали во насока на постигнување на договор околу изборниот датум можна е нова лидерска средба, од Водно велат дека „тоа ќе се случи ако само претходно има приближување на ставовите“.

Претходно, техничкиот премиер Оливер Спасовски изјави дека одлуката за продолжување на вонредната состојба ја носи шефот на државата, но воедно додаде дека и владата прави анализа дали има потреба за нејзино продолжување.

Во меѓувреме, партиските лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се уште не можат да постигнат договор за одржувње на изборите, иако, како што велат од двете партии, постои канал на комуникација.

Неофицијално, и двајцата одржуваат комуникација со претседателот Пендаровски, кој врз основа на тоа треба да оцени дали има простор за договор, кој би се потврдил на нова лидерска средба.

Инаку, додека СДСМ бара избори што порано, односно уште на 21 јуни, а ДПМНЕ смета дека тие треба да се одржат на крајот на летото, ДУИ на Али Ахмети го предлага 5 јули или евентуално 12 јули како компромисно решение.

В.С.

Поврзани новости