Претседателот Стево Пендаровски денеска во обраќање на завршната конференција на Уставниот суд на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба” рече дека „нашиот Уставен суд има долга традиција која датира уште од времето на нашиот државен-правен развој во поранешна Југославија. Уставниот суд за прв пат беше воведен во правниот поредок со Уставот на тогашната Социјалистичка Република Македонија од 1963 година, за следната 1964 година да започне со својата работа. Во оваа прилика дозволете однапред да ви го честитам претстојниот шеесет годишен јубилеј“.
Пендаровски посочи дека „воведувањето на уставното судство беше редок и невообичаен чекор во еден еднопартиски социјалистички систем, каков што имавме во поранешна Југославија“.
„Со Уставот од 1991 година Уставниот суд продолжи да функционира, но во значително променети околности на независна држава со демократско политичко уредување. Во таа смисла, работата и одлуките на тогашните состави на Уставниот суд беа исклучително важна гаранција дека транзицијата кон демократско и плурално општество кое почива врз начелата на владеење на правото, заштита на човековите права и слободи, поделбата на власта и пазарната економија ќе се одвива во рамката предвидена со новиот устав. Доволно е да се потсетиме дека Македонија никогаш во својата историја до 1991 година немала демократско искуство за да ни стане јасно колкава беше одговорноста на тогашните судии. Според мое убедување, Уставниот суд и неговите судии во тие клучни периоди од изградбата на државата и на новиот демократски систем успешно се носеа со товарот на времето за што сакам да им оддадам признание и да им се заблагодарам за нивната работа“ рече претседателот.
Истакна дека недостатоци се забележуваат во функционирањето на судството во целина, во работата на Судскиот совет, справувањето со организираниот криминал и високата корупција, пристапот до правда, судењето во разумен рок, заштитата од дискриминација, а, во одредени случаи и со уставноста на законите што ги носи Собранието.