Иако неспорен факт е дека победата на кандидатот за претседател на владејачката коалиција предводена од СДСМ на претседателските избори се должи на големата поддршка што ја доби Стево Пендаровски во средините со доминантно или мнозинско албанско население, споредбата на податоците круг говорат дека новоизбраниот претседател добил повеќе гласови во вториот во споредба со првиот круг и во чисти или претежно македонски општини, каде сепак повеќе гласови освои неговата противкандидатка предложена од опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова.
Според податоците од Државната изборна комисија, Пендаровски во првиот изборен круг освои 17.766 гласови, додека во вториот круг освои 21.327 гласови, што е раст за 3.561 гласови. Што се однесува до Силјановска – Давкова, пак, таа во првиот круг од претседателските избори во оваа општина освои 17.992 гласови, додека во вториот круг 21.612 гласови, што е за 3.620 гласови повеќе.
Во соседната урбана општина Прилеп, Пендаровски во првиот круг освои 17.101 гласови, а во вториот круг освои 1.466 гласови повеќе, или точно 18.567 гласови. Силјановска – Давкова, пак, во оваа општина во првиот круг освои 17.239 гласови, а во вториот круг освои 2.908 гласови повеќе, или точно 20.147 гласови.
Понатаму, Пендаровски во општина Штип во првиот круг освои 9.223 гласови, а во вториот круг освои 10.711 гласови, што претставува раст за 1.488 гласови. Во оваа општина Силјановска – Давкова во првиот круг освои 10.824 гласови, а во вториот круг 12.879 гласови, што претставува раст од 2.055 гласови.
Во другата најголемата урбана општина што се наоѓа во третата изборна единица – Велес, Пендаровски во првиот изборен круг освои 8.699 гласови, а во вториот круг 10.454 гласови или 1.755 гласови повеќе. Неговата противкандидатка Силјановска – Давкова во првиот изборен круг освои 11.063 гласови, а во вториот круг освои 13.285 гласови, или 2.222 гласови повеќе.
Во Струмица, пак, Пендаровски во првиот изборен круг освои 12.544 гласови, а во вториот круг освои 2.115 гласови повеќе, односно 14.659 гласови. Силјановска – Давкова, пак, во првиот изборен круг освои 9.246 гласови, а во вториот круг освои 2.477 гласови повеќе, односно 11.723 гласови.
Иста е ситуацијата и во речиси сите доминантно македонски општини, како Кавадарци, Пробиштип, Свети Николе и други, што покажува дека зголемената излезност во вториот круг не е резултат само на мобилизација на Албанците предизвикана од страна на албанските политички партии, туку тоа е феномен присутен во сите средини низ земјата. Оттука произлегува дека зголемувањето на поддршката на Пендаровски од првиот (322.581) до вториот круг (436.212) за 113.000 во одредена мера се должи и на зголемената поддршка од етничките Македонци. Кај Силјановска – Давкова, пак, зголемената поддршка од 318.341 гласови во првиот круг на 377.713 гласови во вториот круг (плус 59.372 гласови) е резултат исклучиво на зголемената поддршка во македонски средини.