Пендаровски: Ставовите за „27 април“ се јасни и не зависеа од средбата со Мицкоски

by Fokus

По изјавите на Христијан Мицкоски во кои вели дека претседателот на државата, Стево Пендаровски, едно зборувал на средбата со него, а друго пред камери, реакција упатија и од Кабинетот на претседателот.

-Ставовите на претседателот Стево Пендаровски за настаните од 27 април ѝ се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски. Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани, се вели во реакцијата на Пендаровски.

Во соопштението се додава дека, претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, па тоа нема да го направи ниту овој пат.

Мицкоски рече дека со Пендаровски на вчерашната средба се согласиле околу ставовите за осудените во случајот „27 април“, но дека подоцна шефот на државата дал поинакви изјави за медиумите. Тој рече дека шефот на државата бил дволичен.

-Генерално, ние внатре се сложивме за се како што кажав и на мојата изјава надвор откако излегов од состанокот што го имав со господинот Пендаровски. Тоа што го спомнав надвор, практично, се согласивме и внатре за време на средбата, но очигледен е притисокот што се врши врз него, од оние, би рекол, новинарски пера што се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев е забележливо и тоа очигледно оставило трага кај претседателот Пендаровски. Јас го разбирам, нормално, не можам да го оправдам, бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите. Но, во ред, битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека, сепак, доколку имаме нови докази, овој случај, како и многу други случаи во минатото, да започне од самиот почеток, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашање за време на неговата денешна посета во Делчево.

Поврзани новости